Министерството за здравство на Русија регистрираше уште една вакцина против коронавирусот – „ЕпиВакКорона-Н“, се наведува во Регистарот на државни лекови.
„Вакцината е направена врз основа на пептидни антигени за превенција од Ковид-19. Датумот на државната регистрација на новата вакцина е 26 август 2021 година“, се наведува во документот.
Упатството за употреба наведува дека вакцината се дава двапати во интервал од 14-21 дена во доза од 0,5 милилитри.
Несаканите реакции по вакцинирањето со „ЕпиВакКорона-Н“ може да бидат болка на местото на инјектирање, краткорочно зголемување на температурата и во ретки случаи ангиоедем, се посочува во документот.
„ЕпиВакКорона-Н“ е петтата вакцина против коронавирусот регистрирана во Русија.
Пред тоа беа регистрирани вакцините „Спутник V“ на центарот „Гамалеја“, „ЕпиВакКорона“ на центарот „Вектор“, „КовиВак“ на центарот „Чумаков“ и вакцината „Спутник лајт“.