Русија го одложува снабдувањето со вакцина Спутник V за коронавирус во Македонија, објави Блумберг.
Американската новинска агенција се повика на двајца високи функционери во Европската унија, кои побараа анонимност. Официјални лица во Брисел велат дека Москва започнала да го одложува снабдувањето со вакцината затоа што скопската влада ја поддржала декларацијата на 27-те земји членки, со која се осудува апсењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални и воведувањето санкции за руски физички и правни лица поради ефективната казна на опозиционерот.
Македонија, продолжува агенцијата, соопшти дека има доцнење во испораките и Москва одговори на следниов начин: „Во моментов имаме проблеми со производството поради зголемената побарувачка“.
Претставник на рускиот фонд за директни инвестиции (институцијата што го финансираше развојот на „Спутник V“), од своја страна изјавил дека испораките се одвивале според планот.
„Кога станува збор за здравјето на луѓето, ние не се водиме од политички мотиви“, посочил портпаролот на Фондот.
„Балканската држава ја одобри употребата на руската вакцина на 7 март 2021 година. Подоцна, Скопје и Москва потпишаа договор за снабдување на 200.000 дози. Првите 3.000 пристигнаа во Северна Македонија во март и април“, додава „Блумберг“.