Русите направија нешто посебно, вели српскиот инфектолог Ана Глигиќ во интервју за РТС.
Таа објасни детали околу вакцинацијата против коронавирус и разликата меѓу вакцините кои се нудат на пазарот. Вели дека сите вакцини се правени долго, сите аномалии се поправени, сите вакцини што ќе дојдат во фаза на масовна примена не би требало да имаат никакви недостатоци.
„Вакцините навистина се подготвени на специфичен начин, по брза постапка, дизајнирани се на хартија, а потоа се направени во лабораторија. Испитувањата беа задолжителни, врз животни, а потоа и врз луѓе, не беше извршено класично тестирање по различни возрасни групи, тие беа направени ‘брзо’, но беа контролирани доволно за да може да се добие лиценца за масовна примена. Знам многу за руската вакцина „Спутник V“, морам да се коригирам, и јас досега велев „Спутник пет“… таа е направена на „носач“, како и таа на „Модерна“, парче од геномот на сегашната корона се уфрла во форма на вакцина, а потоа внатре се комплетира во провокатор на имунолошкиот систем и создава антитела“, рече таа.
Кажа дека вакцината е ефикасна 92 проценти. Таа наведе кои се разликите во однос на другите вакцини.
„Кинеската, руската и оксфордската се создадени на носач, на вирус што веројатно сите го имаме во нашите животи, тие се безопасни аденовируси. Болеста што ја предизвикуваат е обично кивање, тие не предизвикуваат сериозни проблеми. Ќе испиете чај и аспирин, ќе се накашлате и тоа е тоа. Постојат повеќе од сто аденовируси, а само парче од сегашната корона е вметнато во аденовирусот во вакцината, за да го испровоцира имунолошкиот систем да произведува антитела. Сите три вакцини се направени на тој, истиот начин. Тие само содржат различни аденовируси“, вели докторката.
Според д-р Глигиќ, Русите направиле нешто посебно, првата доза е на еден, а ревакцинацијата на друг вид аденовирус. Од короната нема да се отарасиме, вели таа.