За време на вечерното вежбање во фитнес центарот „Спирит“ во југоисточна Москва, на посетителите ненадејно им било наредено да легнат на подот, пренесува британскиот „Дејли Телеграф“. Ова не било дел од тренингот, туку наредба на руската полиција која трага по илегални мигранти и лица што бегаат од мобилизација. Според активистите за човекови права, ваквите рации се спроведуваат со недели во бројни руски градови, а започнале уште пред Владимир Путин да ја потпише наредбата за мобилизирање на 160.000 мажи, како дел од редовниот пролетен повик, најголем од 2011 година.
На една од објавените снимки пишува: „Гестапото на Путин напаѓа спортски сали“. Очевидци тврдат дека полицијата ги одвојувала граѓаните и странците во спортските сали. Русите биле одведувани во воени канцеларии каде што им се проверувала воената евиденција. Странците биле обвинувани за прекршување на имиграциските прописи и им биле понудени две опции: депортација или регрутација во војската, пренесува Current Time, независна руска медиумска платформа.
Снимката од нападот на 30 март во Spirit Fitness покажува десетици мажи и жени како лежат на стомак со рацете над главите. Неколку дена подоцна била извршена рација и во друга експозитура на истата спортска сала. Сведоци изјавиле за Current Time дека жените биле ослободени, додека мажите биле подредувани според етничка припадност и националност, по што од нив се барало да ги покажат документите.
„Трчав на лентата за трчање, гледав емисија, никому не му пречев. Одеднаш, некој ме удри по рамо. Се симнав од лентата и ги видов сите како лежат на стомак на подот“, изјави еден посетител на теретаната за каналот на Телеграм msk1_news.
Друг сведок за Current Time изјавил дека полицијата барала сите мажи да ги покажат пасошите, кои веднаш се проверувале за воени информации.
„Го отвораа пасошот, ја свртуваа страницата со военото досие. Ако пишуваше дека треба да служиш, веднаш те носеа во воена канцеларија, без разлика на сè.“
Активистите за човекови права тврдат дека на мигрантите обвинети за помали прекршоци им се нудат договори за да служат војска и да бидат испратени на фронтот во Украина. Кремљ, исто така, користи тактики „морков и стап“ и нуди големи финансиски стимулации за привлекување нови војници. Најновото истражување на Јанис Клуге, од Германскиот институт за меѓународни безбедносни студии, покажало дека бројот на воени регрутации нагло се зголемил во март.
Овој бран на регрутација доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп продолжува да повикува на брз крај на војната, често обвинувајќи го украинскиот лидер Володимир Зеленски и самата Украина за конфликтот.