На социјалните мрежи се рашири фотографија од фрижидер, наводно направена во Русија по објавата дека Мекдоналдс го прекинува работењето во таа земја поради инвазијата на Украина.
Во фрижидерот има најмалку 50 хамбургери од Мекдоналдс, додека за другите продукти едвај има место. Дејли Мејл пишува дека полниот фрижидер го снимил Русин кој сакал да се снабди со хамбургери.
Фотографијата набрзо стана вирална и предизвика многу коментари. Некои пишуваа дека ова е добра можност да ги продадат сите хамбургери и да заработат добри пари, додека други на шега се прашуваа зошто некој би се мачил да ја чува храната од Мекдоналдс.
„Ова е добра деловна можност да се продаваат бајати хамбургери по висока цена“, е еден од коментарите.
„Можев да ги чувам овие хамбургери со месеци и сепак да бидат добри“, „Ова е лудо“, „Има уште место во делот за јајца“, напишале други, а еден твитер вели дека ова покажува „многу голема зависност од брзата храна“.
Да потсетиме, Мекдоналдс пред неколку дена објави дека привремено ги затвора сите 847 ресторани во Русија како одговор на руската инвазија на Украина. Снимки од колони автомобили пред продавниците на руски Мекдоналдс се проширија на социјалните мрежи, каде осамнаа и фотографии од редици луѓе кои и по студот чекаат да порачаат Биг Мек. Извршниот директор Крис Кемпчински рече дека синџирот ќе го паузира работењето во Русија, но ќе продолжи да ги плаќа своите руски вработени, а непрофитната организација „Роналд Мекдоналд Хаус“ ќе продолжи со работа.