Олимписката шампионка во уметничко лизгање Русинката Алина Загитова можеби е најлошиот возач во светот на сите времиња.
Во текот на изминативе 11 месеци, таа била фатена како ги прекршува сообраќајните правила 197 пати!
Загитова (22) е горда сопственичка на два луксузни автомобили, Порше Макан и БМВ Х6 30 д. Автомобилите на лизгачката се фатени на камерите за автоматско снимање на прекршоци. Во 2024 година, Загитова со Поршето направила 175 прекршоци, а со БМВ 22 прекршоци!
За двата автомобили на Загитова биле регистрирани неверојатни 554 прекршоци од март 2019 до ноември 2024 година. Во текот на пет години, лизгачката добила казни во вкупна вредност од околу 4.500 евра.
Олимписката шампионка е фатена како брзо вози 401 пат, 65 пати Загитова игнорирала сообраќајни знаци и ознаки, 18 пати паркирала на погрешно место, 14 пати правела непрописни вртења и 14 пати возела по лентата за јавен превоз.
Загитова оди дотаму што и се снима кога го прекршува законот. Дрската Русинка се снимила како поминува на црвено светло во своето возило марка „мерцедес“, а потоа го објавила видеото.
Сепак, Алина никогаш нема никакви долгови кон сообраќајната полиција. Сите казни ги плаќа навреме.