Ѓорѓе Балашевиќ почина денес на 67-годишна возраст, откако на почетокот на неделата беше примен на Клиниката за инфективни болести, каде се лекуваше од пневмонија.
Балашевиќ е роден на 11 мај 1953 година во Нови Сад. Неговата музичка кариера ја започнал приклучувајќи ѝ се групата „Жетва“ во 1977 година, а популарноста ја доби со песната „У раздеjак те jубим“. Иако песната не му беше особено драга, тогаш синглот се продаде во 180.000 примероци.
За разлика од неговата љубов кон музиката, неговите родители секогаш сметале дека требало да студира географија, за што се школувал. Затоа, иако Балашевиќ секогаш им оставаше две места за секој концерт, тие никогаш не присуствувале на истиот.
„Како и за сè друго и за музиката моите родители имаа јасен став. Тие сметаа дека музиката се учи од рана возраст, прво седум години пијано, а потоа пеење … дури и многу години подоцна, кога веќе имав неколку златни плочи, татко ми тврдеше дека тамбурата не е вистинскиот начин за заработка за живот. Тој замина во Будимпешта како туристички претставник и не можеше да следи што се случува тука. Кога ќе му кажеа дека сум победил на фестивал, тој ќе речеше: „Сине, сето тоа ќе помине како што и дошло. Ти гледај од што ќе заработуваш за живот“. „Моите родители не беа на ниту еден мој концерт и до денес имам две празни места за нив“, откри во едно свое интервју Балашевиќ.
Тој никогаш не го напушти Нови Сад.
„Не живеам ниту од денес за утре. Живеам од утрово до вечерва. Навистина не знам. Имам неколку пријатели и едно мало куче кое мавта со опашката кога ќе се вратам дома доцна и ми е добро. Само нека остане така… “: Ова го рече Балашевиќ уште во 1978 година.
Балашевиќ ги мразеше формалностите, а во 1992 година одби да замине на фронтот, поради што неговите песни беа забранети во Србија. Десет години порано, тој ја запозна љубовта на својот живот, Оливера Савиќ, со која беше во брак повеќе од три децении.
Од нивната љубов, се родија три деца, Јована, Јелена и Алекса. И од 2013 година, ова семејство е побогато за две внучиња родени од ќерката Јелена.
Балашавеиќ објави „песнарка“ со сите свои текстови „Рачунајте на нас“, роман „Три послератни друга“ (1991 г.), книга со коментари во весници „И живот иде далје (све далје одавде…)“ (1993) и книга „Додир на свиле“ (1996) во која се сите текстови од плочите. Романот „Један од оних живота“ (1997) се занимава со периодот од 1 до 15 ноември во воената 1991 година.
Ѓорѓе Балашевиќ преживеа срцев удар во ноември 2019 година, поради што му беа вградени стентови. Поради ова, тој тогаш мораше да ги одложи најавените концерти.