Во масакрот во Белград што се случи на почетокот на мај годинава, во кој Коста К. уби девет ученици и човек од училишното обезбедување, беше убиен и 14-годишниот А.Ч., еден од најталентираните ученици на тоа основно училиште.
Родителите на убиеното момче објавија негово дело на Фејсбук, за кое доби награда, пренесува „Блиц“. Со ова, велат, сакале да ја покажат натпреварувачката работа на нивниот син со кој го освоил второто место на конкурсот „Есеј 2022“, а напишал есеј на тема „Нов почеток“. Во него момчето пишува за плановите да го продолжи образованието во странство.
„За жал, тој сон за нов почеток, немаше шанса ни да се обиде да го оствари, бидејќи животот го загуби од истрел во срце, истрел од рака на соученик на кој никој од тој клас некогаш не му направил каква било штета.
„Сите имаме некои нови почетоци. За некого новите почетоци претставуваат пречка во животот, додека за некои новите почетоци се нови предизвици, возбудливи авантури, животна цел. Тоа може да биде почеток на училиште, преселба или нова љубов. За мене, нов почеток го претставува моето идно образование во странство. Почнав музичко училиште на шест години. Сега имам тринаесет години и сум седмо одделение основно и прво одделение средно музичко училиште. Тешко е, морам да признаам, но ако го сакате тоа што го работите, ништо не е тешко. Во текот на моето досегашно музичко образование имам освоено бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Моите професори сметаат дека сум многу талентиран и ме советуваат да го продолжам образованието надвор од Србија на една од престижните академии“, напишало убиеното момче од „Рибникар“ во својот есеј.
Момчето напиша дека образованието во странство за него е голем предизвик и дека се надева дека ќе може да одговори со помош на родителите, пријателите и професорите.
„Имам големи соништа и се надевам дека еден ден ќе ги остварам. Одењето во странство е само дел од моите соништа, само уште еден нов почеток. Можеби сега мислите дека сум само луд и дека моите соништа се недостижни, но верувам дека со талент и работа невозможното не постои, заклучува момчето во својот есеј“, пренесува српски „Блиц“.