Поранешниот британски министер за финансии Риши Сунак (42), кој денеска беше избран за нов лидер на Конзервативната партија, ќе биде првиот британски премиер со азиско потекло и најмладиот премиер по повеќе од 200 години.
Сунак е еден од најбогатите политичари во Вестминстер, кого го очекуваат огромни економски предизвици со кои се соочува Велика Британија, објави Би Би Си.
Со изборот на Сунак за премиер, тоа ќе биде првпат во историјата станарите на Даунинг стрит 10 да се побогати од монархот во Бакингемската палата и во време кога милиони Британци се борат со зголемените трошоци за живот.
Тој и неговата сопруга Акшата Мурти поседуваат заедничко богатство од околу 730 милиони фунти – приближно двојно повеќе од проценетото богатство на кралот Чарлс Трети и сопругата кралицата Камила.
Оваа година, Сунак стана првиот политичар кој се најде на листата на најбогати луѓе во Велика Британија на списанието Сандеј Тајмс, а исто така речиси ќе му конкурира на кралот во однос на бројот на официјални резиденции.
Сунак беше второпласиран по Лиз Трас на минатомесечните избори за лидерство и премиер на конзервативците и предупреди за време на изборниот процес дека даночните планови на неговиот ривал ќе и наштетат на британската економија. Меѓутоа, тој не успеа да ги убеди сопартијците дека е вистинскиот човек за оваа работа и загуби со разлика од 21.000 гласови.
Родителите на Сунак емигрирале во Велика Британија од Источна Африка и двајцата се од индиско потекло.
Роден е во Саутемптон во 1980 година, приватно се школувал, а подоцна студирал на Универзитетот Оксфорд, а потоа и на Стенфорд.
Тој стана пратеник во 2015 година и малкумина надвор од Вестминстер слушнале за него, но до февруари 2020 година тој веќе беше министер за финансии.
Сунак мораше многу брзо да се справи со пандемијата на коронавирус, трошејќи огромни суми пари обидувајќи се да ја одржи економијата во живот за време на локдаунот, што ја зголеми неговата популарност.
Бракот со ќерката на индиски милијардер ја зголемува загриженоста на неговата партија дека тој е премногу далеку од обичните луѓе кои размислуваат дали да трошат пари за храна или за греење.
Неговата репутација претрпе голем удар по контроверзноста конкретно поврзана со неговата сопруга, која призна дека не плаќала данок на заработката во странство, за набргу потоа да биде казнета поради кршење на правилата за карантин.