ЗОРАН МИХАЈЛОВ
– Ничевски беше петкратен шампион на Македонија и прв наш шахист со титулата интернационален мајстор.
-Тој беше врвен шаховски коментатор со широк круг на почитувачи.
-Судбината сакаше животот да го заврши покрај црно-белите полиња на Олимпијадата во Ереван 1996 година
Во плејадата шахисти која се појави во Македонија по Втората светска војна од минатиот век, едно име посебно го привлекуваше вниманието. Тоа беше Ристо Ничевски кој на 14-годишна возраст веќе ја предодреди својата шаховска и животна судбина.Во тој период,во 1958-та година во Порторож се играше Меѓузонскиот турнир за светски шаховски првак. Тука меѓу елитните велемајстори од светот беше и најмладиот меѓу нив 15-годишниот Американец Роберт Боби Фишер. Тој уште кога се појави на шаховската табла го истакна големиот талент и многумина за него велеа дека е тој„ чудо“ од дете. И навистина така беше. Имаше нешто кај него што другите шахисти,па дури ни прославените светски прваци што доаѓаа од поранешниот СССР го немаа. Тој беше специфичен на свој начин опасен на шаховската табла повлечен во секојдневниот живот. Епитетот дека е чудо од дете само ја надополнуваше сликата за него. Едноставно во тој период сите деца што почнуваа да ги мрдаат фигурите на шаховската табла сакаа да бидат како него. Таков беше случајот и со Ристо Ничевски. Впрочем и неговиот син Дејан во книгата посветена на својот татко пишува дека во тоа време,според кажувањето на Ристо :
“ Цело Скопје брмчеше Фишер, Фишер, чудо од дете. Тоа чудо предизвика љубопитност кај мене, па така и јас почнав сериозно да се занимавам со шахот…“.
Како долгогодишни колеги, а и другари уште од младоста, и јас го знаев тоа. И мене често ќе ми кажеше нешто за неговите шаховски почетоци. Ниче не сакаше многу да се експонира, беше повлечен во себе и како да живееше во свој свет. Понекогаш знаеше да се опушти, но сето тоа го правеше внимателно и со доза на воздржаност. Беше свесен за своите постапки и едноставно не сакаше никого да навреди, иако во шаховскиот живот налета на многу пречки и имаше причина да се лути и да биде незадоволен. Но, тој сето тоа го чуваше во себе и настојуваше кон сите да биде коректен.
Метеорски пробив во елитата
Откако Фишер му легна на срце Ничевски веќе не се одделуваше од шаховската табла. Таа стана секојдневие во неговиот живот.
-Првите потези ги повлеков благодарејќи на мојот помлад брат. Тој беше прв мој шаховски учител. Потоа,се беше полесно. Откако се загреав за древната игра, набавив и литература, потоа партии од врвните велемајстори и така од ден на ден се повеќе ги откривав тајните на шахот.
Ова Ниче ми го кажуваше во спортскат редакција на МТВ, во моментите кога јас се подготвував да влезам во студио за некој пренос или ТВ дневникот, а тој го чекаше терминот за неговиот шаховски коментар. Тогаш, навираа и сеќавањата на минатото, на неговите почетоци, па така се случуваше во очекување на нашето излегување пред камерите, истото со години да го повторуваме. Иако неколкупати слушнато, не ми беше здодевно зошто секогаш Ниче ќе најдеше начин да биде интересен…
А сега нешто од фактите што говорат за неговиот брз пробив во врвот на шаховскиот свет:
Во 1963 година Ристо Ничевски со неполни 18 години ја освои титулата – младински првак на Македонија. Истата година на првенствто на Југославија во Дравоград, во конкуренција на 16 шахисти, го освојува 8-то место. Победник беше Горан Антунац кој до тие моменти зад себе имаше неколку врвни остварувања. Инаку, во тој период многу значајно беше што пишува за некој од шахистите во Шаховскиот гласник кој излегуваше на територијата на целата држава. Ничевски беше импресиониран кога по настапот во Дравоград, во гласникот, покрај текстот за него имаше и неколку негови партии. Тоа зборуваше дека излегува од анонимноста и станува фактор во југословенскиот шах кој пак имаше светски квалитет и беше веднаш зад недопирливиот СССР, а рамо до рамо со шаховската велесила Унгарија. За македонскиот шахист тогаш беше напишано дека теоретски одлично е поткован, а негово најсилно оружје е отворањето во кое веднаш остро напаѓа.
Истата година неговиот шаховски пат беше крунисан и со првиот меѓународен настап во Бонор Риуш, во Англија.
Отаму Рики (така го нарекуваа пријателите ) донесе меѓу првите, ако не беше и прв, плоча од Битлси, напиша во книгата неговиот син Дејан.
Пет титули првак на Македонија
По таа 1963 година почнуваат да се редат успесите на Ристо Ничевски. Тој во еден период од 17 години, почнувајќи од 1966 па до1983 година освојува пет титули првак на Македонија. Истовремено игра на многу турнири надвор од земјата, а често преку квалификациите стигнуваше и на државните поединечни првенства. Најголемиот успех го постигна на сениорскиот шампионат на бившата држава во Нови Травник во 1969 година.Таму во една пеколна конкуренција го подели второто место со Миниќ,со 12,5 пооени. Победник беше познатиот велемајстор и учсник на многу зонски и меѓузонски турнири за светски првак – велемајсторот Александар Матанавиќ со 13 поени. Овој пласман му ја отвори вратата на Ничевски за учество на зонскиот турнир за светски првак во Атина. Тоа, во тој период беше огромен успех не само за Ничевски, туку и за македонскиот шах воопшто. Тоа беше рамно на подвиг, тоа беше нешто историско! На турнирот Ничевски заврши на 10 –тата позиција со 8,5 поени, во конкуренција на врвни велемајстори како што беа Матуловиќ, Хорт, Јанса, Чом,Олафсон…Најубавата и најостра партија Ниче ја одигра против унгарскиот првак Форинтош ,кого на изненадување на сите го доведе во безизлезна позиција и извојува победа.
-Таа ми беше една од највредните и најмили победи, често знаеше да каже Ниче кога ќе зборуваввме за бројните настапи во неговата кариера.
Оттогаш во Грција често гостуваше, а се паметат неговите игри на турнирот во Патра каде двапати беше втор. Не успеа да победи, но секогаш неговите партии беа следени со големо внимание од љубителите на шахот кои во овој град на Пелопонез ги имаше во голем број.
Во годините на подемот Ристо Ничевски беше редовен учессник и на Средбата на солидарноста во Скопје, на која настапуваа познати имиња од светот на шахот. Во конкуренција на асови од калибарот Фишер, Полугавески, Карпов, Спаски, Васјуков, Холмов, Гелер-Ничевски успеваше рамноправно да се носи, па во 1971 година го освои и првиот бал за интернационален мајстор. Претходдно, токму поради резултатите што ги постигнуваше на домашна и меѓународна сцена беше вклучен во репрезентацијата на Југославија (1969 година) за мечот со СССР. Во четирикружниот натпреварувачки систем,тој 4 пати се сретна со велемајсторот Васјуков и исто толку пати ремизираше. Југославија загуби со 18:22, а Ничевски со двата освоени поена придонесе поразот да не биде толку убедлив. За Југославија настапи и на екипното првенство на Европа, 1971 година. Тогаш беше во составот во дуелите против Данска и тогашна Чехословачка.
Вториот бал и титулата интернационален мајстор ја освои повторно на Средбата на солидарнооста во 1976 година. Но, како што вели Дејан во книгата за својот татко – овој пат Рики од почетокот одел со отворен гард, храбро спротивставувајќи им се на големите шаховски имиња. Од тие настапи на Средбите на солидарноста, оа го имав слушнато и од него, во најубаво сеќавање му беше останато ремито во мечот со поранешниот светски првак Полугаевски.
Има уште многу да се пишува за Ничевски, зашто неговата кариера беше исполнета со безброј настапи и доживувања. Тој останува една од најценетите и најпочитувани личности кој на бескрајниот шаховски пат безстрашно им се спротивставуваше на сите противници .
Италија -ветена земја
Ристо Ничевски со најголем мерак настапуваше на турнирите во Италија. Тој велеше дека е тоа ветена земја во која ужива да игра и во пријатен амбиент да го минува времето. Често таму заминуваше со својата сопруга Ружа.
Инаку, Ничевски настапуваше и победуваше на турнирите во Бугарија, Полска, Грција, Унгарија, Германија, Австрија. Во Баден, близу Виена, го имаше еден од најзначајните меѓународни триумфи.
Дипломиран професор – врвен шаховски коментатор
Ничевски за рекордно време дипломираше на катедрата по книжевност на скопскиот Универзитет. Така се здоби со звањето професор. Но, со професорска работа никогаш не почна да се занимава зашто веднаш по дипломирањето дојде поканата од МТВ, тогашна Телевизија Скопје, да биде шаховски коментатор. Од 1969 година, па се до смртта тој беше на таа позиција, а неговите коментари беа прифаќани со голем респект од сите љубители на шахот. Едноставно беше интересен, студиозен, концентриран и подготвен во секој момент со примери,со алтернативни потези и варијанти, да покаже дека можело да биде и поинаку од она што е одиграно. А,токму тоа беше она што го посакуваше тв-аудиториумот.
Во Ереван загубена последната битка
Животниот пат на првиот македонски интернационален шаховски мајстор заврши токму меѓу шаховските великани, на Олимпијадата во Ереван 1996 година. Таму отпатува како известувач на МТВ. Долго се подготвуваше и го очекуваше ова патување. Пред да замине ме замоли ако имам да му позајмам 200 марки. Се договоривме вечерта, бидејќи јас бев на работа да дојде во спортска во МТВ, да му ги дадам парите. Дојде,само да ми се заблагодари и да ми каже дека се снашол и не му треба заем. Се поздравивме, не очекувајќи дека тоа ќе биде и последен наш поздрав.
Штурата информација од Ереван за неговата смрт болно одекна во цела Македонија, не само во шаховските кругови. Беше омилен,популарен и скромен. За нас во спортската редакција веста дека Ниче ја напуштил животната сцена беше примена со шок и неверување. Го загубивме колегата и другарот кого многу го почитувавме.
Лична карта – Ристо Ничевски
Роден 1945 година во Битола
Почина 1996 во Ереван (Ерменија)
Кариера: ШК Кочо Рацин,ШК Автокаросерија и ШК Срудент
Успеси: Титула интернационален шаховски мајстор,петкратен сениорски првак на Македонија,репрезентативец на Југославија и на Македонија,втор на првенството на Југославија за сениори 1969 година,учесник на Зонски турнир за светски првак во Атина 1969 година ,победник на повеќе меѓународни шаховски турнири,учесник на екипно првенство на Европ