Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Што е тоа ринитис?
Ринитис е воспаление и иритираност на слузокожата на носот.
Се разликуваат три групи на ринитис:
* инфективен
* неалергиски (вазомоторен)
* алергиски
Инфективниот ринитис може да биде акутен или хроничен. Хроничниот најчесто е поврзан со хроничен синузитис.
Кои се причините за појава на ринитис?
Најчеста причина за појава на акутен ринитис се вирусите. Постојат околу 200 различни вируси кои може да ја воспалат носната лигавица. Најчести се риновирусите, потоа корона вирусите и инфлуенца вирусите.
Нешто поретка е примарна бактериска инфекција. Бактериите најчесто предизвикуваат секундарна инфекција, т.е. се “накалемуваат” отпосле. Бактерии кои најчесто се добиваат со земање на брис од носот се: стрептококус пнеумоние, мораксела катаралис, хемофилус инфлуенце, стафилококус ауреус.
Како се манифестира воспалението на носот?
Се манифестира со затнатост и отежнато дишење преку нос, течење на секрет од носот, кивање, понекогаш и чешање во носот, слевање на секрет во грлото, понекогаш и кашлица, доколку трае подолго. Ретко е можна и лесно покачена температура.
Доколку потрае подолго или секретот е обилен и густ, воспалението на носната лигавица лесно може да се прошири и на параназалните синуси. Во тој случај и симптомите се поизразени и малку потешки.
Како се лекува?
Најчесто ринитисот нема потреба од посебен третман. Спонтано се смирува во период од една недела. Најчесто е доволна симптоматска терапија. Може да се користат солени раствори во спреј или препарати со кои ќе се разводни и испере секретот од носот. Често се потребни и деконгестиви, капки или спреј со кои ќе се намали отокот на лигавицата и ќе се олесни дишењето. Помагаат готови препарати за настинка кои содржат и антихистаминик. По потреба може да се земе и ибупрофен. Доколку симптомите потраат подолго од 7 или 10 дена, тогаш најчесто е потребен лекарски преглед и, можеб и, антибиотиска терапија.