Случаи на инфекција со коронавирус по вакцинирање со руската вакцина Спутник се многу ретки, објави руската новинска агенција ТАС, повикувајќи се на изјавите на научниците кои стојат зад таа вакцина.
„Во процесот на следење по вакцинацијата, идентификуваме ретки случаи на коронавирусни инфекции кај луѓе кои биле вакцинирани со само една доза и изолирани случаи меѓу вакцинираните со двете дози, кај кои сè уште не поминале 21 ден од создавање на имунитетот“, се вели во извештајот на раководителот на рускиот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, Александар Гинзбург.
Според него, едно лице се смета за вакцинирано и заштитено од ковид-19 дури откако ќе поминат три недели од приемот на втората доза на вакцината.
„Нашето истражување покажува дека имунитетот се формира побрзо кај младите, додека кај постарите лица, особено кај оние над 60 години, може да трае подолго“, изјавил истражувачот, пренесува ТАНЈУГ.
Тој ги повика сите вакцинирани против ковид-19 да се придржуваат до индивидуалните заштитни мерки и да продолжат да носат маски, да ги мијат рацете, да ја одржуваат социјалната дистанца, особено помеѓу првата и втората доза и во рок од три недели по приемот на втората доза.
„Тоа ќе му помогне на телото да формира стабилна заштита од вирусот, кој достигнува скоро 92 проценти. Ова е особено важно за луѓето постари од 60 години, бидејќи, како што гледаме во пракса, тие се во опасност да имаат сериозни симптоми на болеста и компликации“, заклучи Гинзбург.