Во исчекување на обвинение за случајот „Рекет“ обвинителката Вилма Русковска отвори нова истрага во која повторно првоосомничен е притворениот Боки 13, но во која како осомничени се јавуваат и татко му Миле Јовановски, претставници на неговиот хуманитарен Меѓународен сојуз, како и Фросина Ременски, висок функционер на владејачкиот СДСМ. Според најавите на обвинителството, се очекува да биде приведена и да ѝ биде одредена мерка притвор на Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.
Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ беше важен дел од двата големи проекти на Бојан Јовановски – Боки 13, човекот што е осомничен во скандалот „Рекет“. Таа е косопственик на 1ТВ, заедно со таткото на Боки, директор е на телевизијата и втор човек на невладината Меѓународен сојуз со која претседателствуваше Бојан Јовановски.
Сепак, се чини дека јавноста најмногу беше фокусирана на потпретседателката на Собранието Фросина Ременски Ташевска, која е осомничена во проширената истрага за Рекетот откако обвинителството објави официјално дека гони и функционер за вмешаност во скнадлот со пари на Меѓународниот сојуз.
„Едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, соопшти јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Ременски инаку имаше и фукција почесен претседател на Меѓуанродниот Сојуз кој го води првоосомничениот за рекетот Бојан Јовановски Боки 13. Таа е една од двајцата пратеници на СДСМ кои беа на распит како сведоци во обвинителството.
„Кога некое лице ќе биде осомничено или обвинeто во тој случај ја применуваме мерката на санкции која значи времено отстранување на тоа лице за да ја докаже својата невиност“. Ова го изјави премиерот Зоран Заев, прашан дали ќе го исполни ветеното за исклучување од партијата на кој било член за кој ќе се утврди одговорност.
За утре Заев најави повеќе објаснување. Ременски инаку по предлог на СДСМ е потпретседател на Собранието. Оттаму денеска немаше реакција за нејзината функција иако таа веќе од други причини си поднесе оставка од местото член на комисијата за надзор на тајните служби.