Легендата на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов со пост на својот Фејсбук профил реагираше по одлуката на Фудбалската федерација на Македониа, репрезентативците и стручниот штаб кои обезбедија историски пласман на Европско првенство следното лето, да добијат рекордна премија од 4,2 милиони евра, најголема во историјата на македонскиот спорт.
“КАКО СТИГНАВМЕ ДО ЕУРО? Во врска со она што го напишав околу наградите на нашите фудбалери за пласманот на Европското првенство,сакам само да појаснам некои работи.Јас не сум против наградување,ама сето тоа да биде во една нормална граница.На денешно време да даваш 4,2 милиони евра,рака на срце е премногу.Впрочем,пошироката јавност да се запознае,еве за кои резултати ја добија богатата награда.
Првиот Куп на нации беше класифициран во 4 категории од по 4 групи.Во првата А категорија -играа најсилните европски репрезентации,во Б оние што се по нив по квалитет,во Ц оние што се уште послабо рангирани и во Д група оние најслабо рангирани европски репрезентации,во кои бевме и ние.Системот беше таков,да може најдобриот од секоја категорија,без оглед на квалитетот да се пласира на ЕП.Тоа УЕФА го направи смислено веројатно да им даде шанса и на послабите да се замешаат во европскиот крем.
Е,сега во таа најслаба Д категорија,ние бевме во група со Ерменија(106-та рангирана),Гибралтар (195) и Лихтенштајн (182).Овде извојувавме пет победи и имавме еден пораз од Ерменија во гости од 4 спрема 0.Така,станавме први во групата и требаше да се сретнеме со Косово(127),кого го победивме.Тоа беше полуфинале,бидејќи Косово беше прв во својата група.Следен противник ни беше Грузија(94),која како прва во својата група во полуфионалето ја совлада Белорусија.И во финалето во Тбилиси со голот на Пандев дојдовме до пласман на ЕП.
Мислите дека ова беше реален пласман на Европското првенство.Јас мислам не,и сета среќа за сите е што го имавме Пандев и не доведе до оваа завршница.Не само со голот од последната средба,туку воопшто како лидер на екипата.За него,не би прашал ни колкава му е наградата,би му дал можеби и повеќе од она што ќе го добие.Ама за другите?
Инаку,во онаа групна фаза во вистинските квалификации за истото ЕП,во нашата група бевме трети со 14 бодови и немаше шанса во конкуренција на Полска(прва со 25 бодови) и Австрија,која патем не прегази во Скопје (1:4 и беше втора со 19 бодови) да стигнеме до ЕУРО.Е,овде се гледа реалната сила на нашата репрезентација.Значи да не беше Лигата на нациите ќе бевме далеку од настап на ЕП.
Затоа,треба да бидеме објективни и да ја прифатиме вистината онаква каква што е.Ние,пак, еуфорично прославувајќи го успехот, заборавивме како дојдовме и против кои репрезентации до него.
Токму од тие причини сметам дека оние 4,2 милиони евра за награда се навистина многу,и тоа во ова време-невреме кога светот е зафатен од опасната пандемија на ковид 19.
Кога сме тука,да видиме дали ФФМ ги спроведуваше протоколите од Здравствената комисија за заштита од заразни болести.Колку,и дали од парите што ги доби ФФМ од УЕФА,се даде нешто за тестирање на фудбалерите.Останаа клубовите сами да го плаќаат тестот,освен првиот на почетокот кој беше на сметка на Синдикатот на професионални фудбалери ,и тоа направен не во сите лиги.На крајот цената ја плаќаа фудбалерите,тренерите,членовите на клупските штабови меѓу кои имаше и доктори.Некој спомена во коментарите,па парите се од УЕФА,не од државата и ФФМ како сака ќе ги троши!Е,кога вака размислуваме тешко дека ќе можеме да направиме финансиски стабилна држава.Се треба да се прави со мерка“ напиша Зоран Михајлов.