Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, половина месец е притвореник во затворот „Скопје“ во Шутка. Тој од приемното одделение, пред пет дена е преместен во друга ќелија. Од затворот велат дека тој не е сместен со друго лице, со одобрение од судот. Директорот Филип Андов за „А1он“ вели дека Рашковски се храни со затворска храна, а го користи и правото на пратки со храна од надвор.
Рашковски е изолиран од ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев, кои исто така издржуваат мерка притвор во затворот, по одлука на Кривичниот суд поради опасност од бегство. За разлика поплаките кои ги имаше Камчев при издржувањето на притворот поврзани со лошите услови во затворот, Рашковски се нема пожалено до затворската служба и управата.
– Меѓусебен контакт помеѓу притвореникот Драги Рашковски и притворените С.М. и Ј.К., не е можен. Притвореникот Рашковски се нема пожалено дека добива притисоци и уцени и е ставен на распоред за користење на свеж воздух но истиот има право да го користи или не, додава Андов за „А1он“.