Тениската репрезентација на Холандија се пласираше во полуфиналето на завршниот Дејвис куп турнир победувајќи ја шпанската селекција во Малага со 2:1. Поразот од Шпанија значи и дека кариерата на Рафаел Надал е завршена.
Тоа беше втор пораз за Надал во Дејвис купот (29:2), откако првиот го претрпе во 2004 година во своето деби, кога во Брно беше поразен од пензионираниот чешки тенисер Јиржи Новак.
„На некој начин, можеби е добро што тоа беше мојот последен натпревар. Изгубив во првиот настап во Дејвис купот, и загубив на последниот. Го затворив кругот. Сакав да му помогнам на тимот да победи, но не успеав“, изјави 38-годишниот, сега пензиониран тенисер.
На церемонијата на збогување, Надал зборуваше со солзи во очите и читаше проштални пораки од тениските великани. Од својот ривал се простија легендите како Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј, го поздрави Серена Вилијамс, како и Андрес Иниеста, Дејвид Бекам, Икер Касиљас…