Во многу тешка состојба се ранетите украински војници скриени под фабриката за челик Азовстал во опколениот Мариупол. Серија фотографии објави утрово на Телеграм од страна на борците на Азов го потресе светот.
На фотографиите може да се забележи импровизирана болница, каде се лекуваат војниците, а многу од нив имаат изгубено екстремитети.
„Целиот цивилизиран свет мора да ги види условите во кои се наоѓаат ранетите, осакатени бранители на Мариупол и да дејствува! Во целосно нехигиенски услови, со отворени рани обвиткани во нестерилни остатоци од завои, без потребните лекови, па дури и храна. Ги повикуваме ОН и Црвениот крст да ја покажат својата хуманост и да ги потврдат фундаменталните принципи на кои се создадени со спасување на ранетите кои повеќе не се борци.
Војниците што ги гледате на фотографиите и стотици други во фабриката Азовстал ја бранеа Украина и целиот цивилизиран свет со тешки повреди по цена на сопственото здравје. Дали Украина и светската заедница сега не можат да ги заштитат и да се грижат за нив?“ се вели во соопштението.
Азовскиот полк повикува на „итна евакуација на ранетите војници на териториите под контрола на Украина“, каде што може да им се помогне и да им се обезбеди соодветна грижа.