Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, по синоќешната огромна победа над актуелниот светски и олимписки првак Данска (33-29) ги информирал членовите на националниот тим дека само за овој голем успех ќе добијат премија во износ од 20.000 евра.
Ова дефинитивно е најголема награда само за еден меч, која заслужено ќе заврши кај жолто-црвените херои, кои го оставија срцето на терен во пресметката со ривалот кој беше најдобар на неодамнешниот Мундијал во Египет. Триумфот е своевидна потврда на пласманот на ЕП 2022, што значи дека избраниците на селекторот Кирил Лазаров наскоро ќе добијат и дополнителна парична награда, како мотив за уште подобри игри и враќање на македонскиот ракомет во европската и светска елита.