Oбвинителката Ленче Ристоска не го криеше своето разочарување од одлуката на Советот на јавни обвинители да не ја изберат за виш јавен обвинител.
.Таа во изјава за „360 степени“ вели дека посакува барем да имало образложение зошто членовите на Советот гласале така како што гласале.
-Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука, – изјави Ристоска за „360 степени“.
Инаку, во Вишото обвинителство во иднина ќе работат обвинителите Бурим Рустеми, Наум Пановски, Сашо Трајчев и Снежана Георгиевска, но и обвинителката Фатиме Фетаи откако не доби доволен број гласови да биде избрана за обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Обвинителите Лиле Стефанова, Трајче Пеливанов, Артан Ајро, Катерина Коларевиќ, Наташа Поптрајкова се избрани за обвинители во Обвинителството за организиран криминал, односно ќе работат со Вилма Рускоска.