Идентични близначки биле разделени како деца и пораснале во две различни држави, Јужна Кореја и САД.
По повеќе од 40 години, тие повторно се сретнале и учествувале во истражување кое покажало дека коефициентот на интелигенција на медицинската сестра од САД е далеку помал од коефициентот на интелигенција на сестра ѝ од Кореја. Во други области, на пример, карактеристиките на личноста и медицинската историја, близначките биле слични, пренесува NextShark.
Студијата била спроведена од истражувачи од Универзитетот Кукмин во Сеул и Државниот универзитет во Калифорнија.
Сестрите се родени во Сеул во 1974 година. Кога имале две години, едната од нив се изгубила на пазар. Иако родителите се обиделе да ја најдат изгубената ќерка, не успеале. Таа на крајот беше посвоена од пар од Америка.
Таа пораснала без никакво знаење за нејзиното потекло, па решила да учествува во програмата на јужнокорејската влада за повторно обединување на членовите на семејството. Дури во 2020 година, кога стигнале резултатите од ДНК-тестот, дознала дека покрај идентичната близначка, има и постар брат и сестра.
Сестрите повторно се обединиле и набрзо се согласиле да учествуваат во студија која користела серија тестови за споредба на нивната интелигенција, личност и историја на ментално и физичко здравје.
Американката на тестот за интелигенција освоила 16 поени помалку од нејзината сестра од Кореја. Ваквата разлика е значајна бидејќи, според претходните истражувања, просечната разлика во коефициентот на интелигенција на идентичните близнаци кои пораснале одделно е седум или помалку поени.
– Зачудувачки е тоа што близначките покажаа значителни разлики во когнитивните способности поврзани со силното генетско влијание, напишаа научниците во написот објавен во списанието Personality and Individual Differences.
Тие не знаат дали на разликата во коефициентот на интелигенција влијаело различното воспитување, но забележале дека близначката од САД претрпела три потреси на мозокот, што можело да влијае на нејзините когнитивни способности. Освен тоа, како разлика откриле дека Американката развила индивидуалистички поглед на светот, додека Корејката повеќе ги ценела колективистичките вредности. Таа го опишала растењето во нејзиното домаќинство како полно со љубов и хармонија. Од друга страна, постојано имало конфликт во домот на сестрата која пораснала во Америка, а нејзините посвоители на крајот се развеле.
Во однос на сличноста, двете сестри биле на операција за отстранување на туморот на јајниците. Резултатите од тестот за самодоверба и профилите за ментално здравје биле идентични.
– И двете близначки имаат висока совесност, што укажува дека и двете се добро организирани, совесни и се стремат кон постигнувања, забележале истражувачите.
Тие заклучиле дека целокупната конфигурација на сестрите е слична, во согласност со литературата за умерените влијанија на генетиката врз личноста на возрасните. Сличностите во нивните темпераменти покажале дека генетиката игра улога во емоционалните преференции на една личност и покрај тоа што расте во различна средина.