Банда ограбувачи на банки била принудена да ја повика римската полиција на помош, за да ги извлече од тунелот кој самите го ископале, но пропаднал при грабежот, кој очигледно лошо го испланирале, објавија денеска италијанските медиуми.
Припадниците на спасувачката служба вчера вечер околу 20 часот од урнатиот тунел извлекле повреден маж и го пренеле во болница, додека полицијата привела тројца негови соучесници во грабежот. Се претпоставува дека повикот за помош го испратил еден од разбојниците.
Членовите на бандата, двајца Римјани и двајца Наполитанци, го искористиле долгиот викенд среде Ферагосто, кога повеќето италијански бизниси се затворени, за да упаднат во банката и во околните бизниси.
Но, нивниот план не се исполнил откако го ископале тунелот до банката, кој се урнал, па биле принудени да повикаат полиција на помош.
„Помогнете, ве молам, дојдете да не ослободите“, бил повикот на човек до спасувачката служба откако се урнал тунелот што го ископал заедно со колегите.
Припадниците на спасувачката служба, вклучително и експерти обучени за помош по земјотреси, морале да ископаат втор, паралелен тунел за да им помогнат.
Медиумите јавуваат дека за време на спасувањето на заробените им биле дадени течности и кислород кои ги одржувале во живот.