Попладнево околу 13 часот избувнал пожар во станбена зграда во центарот на Белград.
Во инцидентот, со тешки изгореници се здобило 15-годишно девојче кое најпрво било пренесено во Ургентниот центар, а потоа требало да биде пренесено на Клиниката за изгореници и пластична хирургија.
Според српски „Телеграф“, девојчето некое време викало за помош од терасата и врескало.
„Ужас. Гледате и не можете да помогнете. Дојдоа работниците и се качија на деветтиот кат, па ја спуштија од десетти на деветти. Се слушна нешто налик на експлозија, сè пукаше. Девојчето го спасија на секунда пред да падне плафонот“, рекол еден од сведоците.
Причините за пожарот сè уште не се познати, а на самото место пристигнале итна помош и пожарникари. Делови од покривот паднале, известуваат репортерите на „Телеграф“ од теренот.
Пожарот избувнал во стан на 10-от кат од зградата, а станарите биле евакуирани.