Ване Цветанов, како претседател на државната институција Совет за унапредување и надзор на ревизијата, ја ангажирал жена му Дунавка Трифуновска да му помага во работењето. Трифуновска, која е поранешна мис на Македонија, оди секој ден на работа во оваа државна институција, а како што вели Цветанов за САКАМДАКАЖАМ.МК за ангажманот не зема пари туку работи волонтерски.
„Дунавка е ангажирана со договор за нула денари. Нормално дека жена ми ќе дојде да ми помогне во работењето кога гледа дома колку работа имам, а немам доволно вработени. Министерството за финансии не ми одобрува вработувања, а пред две години една вработена замина во пензија, лани во март и сметководителка ја напушти институцијата. И покрај тоа што законски ми следуваат вработувања и имаме пари, министерот за финасии не ми одобрува вработувања. Затоа Дунавка ми помага, а за тоа не добива ниту денар и немам зошто тоа да го кријам“, вели Цветанов кого Владата на оваа функцијата го назначи во јули 2019.