Беким Бајрамоски (44) е првиот медиумски работник кој почина од коронавирус во земјава. Тој е меѓу седумината кои починаа вчера. Бајрамовски беше вработен во локалната телевизија „Спектра“ во Лабуништа.
-По кратко боледување утринава на 44-тата година од животот на клиничкиот центар 8 Септември во Скопје почина нашиот колега Беким Бајрамоски, техничар во Телевизија Спектра. Денес добивме жална вест која на сите нас многу не растажи.
Се сеќаваме на нашиот колега, брат, другар, наш лабуништанец, Беким Бајрамоски како човек со благородна душа, мирен и работлив, сооштија вчера од телевизијата во која работеше.
Според директорот на Центарот за јавно здравје во Охрид, д-р. Сашо Точков, Бајрамовски со вирусот се заразил од средината и како што вели, станува збор за контакти меѓу луѓе кои се семејно поврзани.
Инаку, вкупниот број на починати само во Лабуништа достигна 16, а во струшкиот регион се 20 починати пациенти заразени со Ковид-19.