Стотици пчели убијци три часа боделе постар човек од Оклахома кој обидувајќи се да побегне, паднал и го скршил колкот.
Карлос Амос (81) бил спасен од сосед херој кој побрзал да се избори со ројот африкански пчели. Избодениот Амос минатиот петок го косел предниот тревник на неговиот дом во Мејсвил кога започнал нападот на пчелите. Тој се обидел да избега, но во еден момент паднал и го скршил десниот колк.
Амос бил боцкан од пчели повеќе од три часа пред да му помогне група мажи, а еден човек се нафатил да се бори со пчелите. Докторката која го лекувала во регионалната болница „Норман“ изјавила дека никогаш не лекувала пациент со толку екстремни убоди и дека тоа можело да биде опасно по живот бидејќи отокот може да ги блокира дишните патишта.
За време на нападот, Амос бил искасан од пчелите по целото лице, дури и во едното око, а болницата отстранила повеќе од 200 боцки од неговото тело. Дедото изјавил за локалните медиуми дека пчелите му влегувале во ушите и носот. Имал среќа што поради отокот не почнале да му се затвораат дишните патишта.
Амос имал операција на колкот ден по нападот и сега е префрлен во друга установа на рехабилитација. Неговото семејство нема да може да се врати дома додека пчелите не се отстранат од нивниот оџак.
Ќерката на Амос, Хедер Гарви, отвори страница GoFundMe за да собере пари за медицинските сметки на нејзиниот татко и за отстранување на гнездото.
– Тато беше сам дома и немаше кој да му помогне. Еден добар Самарјанин го најде татко ми и се јави на 911. Сега е во добро расположение, но ќе биде долг пат до опоравување. Ќе му треба терапија за да застане на нозе. Пчелната кошница ќе мора да се отстрани пред да може да си оди дома, напиша Гарви.