Рускиот претседател Владимир Путин во последните денови ги преселува членовите на семејството во „подземен град“ во Сибир, тврди руски експерт.
Станува збор за луксузен бункер со висока технологија лоциран на планините Алтај, изграден во случај на нуклеарна војна, изјавил политикологот Валери Соловеј (61), поранешен професор на Московскиот државен институт за меѓународни односи (МГИМО).
Соловеј претходно тврдел дека Путин страда од здравствени проблеми кои ги крие од руската јавност и дека заедно со својот министер за одбрана учествувал во чудни шамански ритуали.
Некои експерти од Русија велат дека Соловеј е теоретичар на заговори и измамник, а минатата недела поранешниот професор бил испрашуван од руските власти седум часа поради обвинувањата што ги упатил за здравствената и психичката состојба на Путин, пишува Daily Mail.
„Во текот на викендот, семејството на претседателот Путин беше евакуирано во специјален бункер подготвен во случај на нуклеарна војна. Бункерот се наоѓа во Република Алтај. Всушност, тоа не е бункер, туку цел подземен град опремен со најнова технологија“, рекол Соловеј.
„Се надевам дека ова ви покажува нешто – дека претседателот го испраќа своето семејство во бункерот“, додал тој.
Индикации за постоење на бункер
Експертите велат дека Соловеј, кој тврди дека има инсајдерски контакти во Кремљ, мисли на огромен планински имот кој наводно бил изграден од енергетскиот гигант Газпром пред околу десет години во Република Алтај, сибирски регион кој се граничи со Монголија, Кина и Казахстан.
Набљудувачите во областа забележале повеќе точки за вентилација на земјата околу планинското скривалиште и високонапонска линија поврзана со ултрамодерна трафостаница што може да напојува мал град. За време на изградбата, наводно, на имотот имало огромни германски машини за копање тунели.
Соловеј не кажал за кои членови на семејството на Путин станува збор, но претходно навел дека е гимнастичарката Алина Кабаева (38) тајната сопруга на рускиот лидер.
„Тоа е неговото вистинско семејство и Алина може да влијае на неговите одлуки“, рекол тој минатата година.
Путин има две возрасни ќерки – генетичарката Марија Воронцова (36) и Катерина Тихонова (35), танчерка која станала математичарка.
Некои информации наведуваат дека тој ја има и ќерката Луиза Розова (18) од претходната врска со Светлана Кривоногих (45), чистачка која подоцна се збогатила. Според гласините, тој има деца и со Кабаева, но Кремљ тоа го негира.