Рускиот претседател Владимир Путин го пофали новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп како „интелигентен и искусен“ политичар способен да најде „решенија“. Ваквата „оценка“ на Путин доаѓа во време кога продолжуваат тензиите меѓу Москва и Западот поради војната во Украина.
Говорејќи пред новинарите во Казахстан, Путин го критикуваше претседателот Џо Бајден за создавање „дополнителни тешкотии“ за администрацијата на Трамп откако Бајден и даде дозвола на Украина да користи американски ракети со поголем дострел „ATACMS“, кон цели длабоко во Русија.
Рускиот претседател, исто така, се закани дека повторно ќе ја нападне Украина со балистичката ракета со нуклеарна способност – „Орешник“, по големиот напад на Москва во средата, чија цел беше критична енергетска инфраструктура.
На прашањето дали одлуката на Бајден ќе влијае на идните односи меѓу Москва и Вашингтон, Путин посочи дека работите би можеле да се подобрат откако Трамп ќе ја преземе функцијата во јануари.
„Колку што можам да замислам, новоизбраниот претседател е интелигентна и веќе доста искусна личност. Мислам дека ќе пронајде решение“, рече Путин.
Тонот на Путин е сосема во спротивност со заканите на Кремљ за администрацијата на Бајден во заминување, која Путин ја обвини дека ја „ескалира“ војната во Украина дозволувајќи му на Киев да гаѓа со ATACMS врз воени цели во Русија.