Веќе извесно време трае вистинска судска рашомонијада околу името на познатата хрватска група „Прљаво казалиште“, која пролетва остана без еден од нејзините членови, Тихомир Филеш. Тој по заминувањето на другите членови на групата им забрани да настапуваат под името „Прљаво казалиште“, бидејќи тој го смислил, а со Јасенко Хоура, лидерот на бендот веќе не комуницира. Меѓутоа, следниот викенд групата ќе настапи на фестивалот „Фјужн“ во Сплит, а организаторот на службената веб-страница го нарече бендот „Хоура група“, иако во описот на учесниците стои дека станува збор за „Прљаво казалиште“.
Во почетокот на месецов донесена е привремена судска мерка за забрана на користењето на името „Прљаво казалиште“.
– Верувајте ми со Филеш не сум се слушнал две години, а преку човекот што ни го прави разгласот дознав дека е болен – изјави Јасенко Хоура за својот лош однос со некогашниот член на групата.
Тој сѐ уште не знае дали „Хоура група“ ќе остане да биде име на бендот.
Оваа есен групата треба да ја издаде и книгата за историјата на своето постоење во рамките на поранешната југословенска сцената, а во неа ќе ги има и новите информации во врска со изминатите настани поврзани со менувањето на името.