Со свој став во однос на пожарот во модуларната болница во Тетово излезе и професорот Дејан Трајковски.
Тој преку социјалната прежа фејзбук, во пост, истакна да не се купуваат евтини продолжни кабли од пазар.
„Во извештајот за пожарот во модуларната болница во Тетово се вели: „Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од ЕЛЕКТРИЧНА КУСА ВРСКА преку ВИСОК ПРЕОДЕН ОТПОР во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат“. Истото и самиот го изнесов како претпоставка уште кога се случи пожарот, дека кај дефибрилаторот и кабелот најпрво би ја барал причината за пожарот.
Инаку, куса врска (нула ома) и висок преоден отпор (многу оми) се поими кои взаемно се исклучуваат. Можеби се мисли дека имало висок преоден отпор во контактот помеѓу утикачот и утичницата, поради што се истопила изолацијата на спроводниците во утичницата, па тоа предизвикало куса врска и понатаму палење на кабелот. Исто така, ако настанала куса врска можно е да се запалила и инсталацијата во ПУР пената од ѕидот. Но, во двата случаи, при куса врска осигурачите би требало да исклучат моментално, под услов да биле исправни“- пишува во постот.
Професорот додава: „Можно е продолжителниот кабел да бил неисправен (на пазар се продаваат неквалитетни турски и кинески продолжни кабли со тенки спроводници и тенки, лоши контакти), но прегревањето настапува постепено, сигурно утикачот бил топол на допир и морало да се почувствува мирис на изгорен бакелит пред да се запали. Наједноставно било да се исклучи утикачот од утичницата при појавата на таков мирис, но веројатно на персоналот тоа не му било јасно во тој момент.
Во секој случај доколку продолжниот кабел бил исправен (изработен според стандарди), електричната инсталација во ѕидот била исто така изработена според стандарди, а осигурачите исправни, немало шанси да се случи запалување на кабелот, дури дефибрилаторот да бил неисправен и да повлекол премногу струја. Високи преодни отпори не можат да се појават во исправен продолжен кабел.
Заклучок: никогаш не купувајте евтини продолжителни кабли од пазар“.