Професорот на Техничкиот факултет во Битола Дејан Трајковски во најновата анализа за состојбата со коронавирусот во земјата пишува дека за седум дена може да очекуваме и по 2.000 заразени дневно. Наместо средината на септември, сега проценките на Трајковски се дека врвот на заразени ќе биде за максимум две недели.
– Во Тетово дури и да се стабилизира, во Скопје, Гостивар и Куманово веќе гори, а допрва еден по еден ќе избувнуваат и градовите на истокот и југот на земјата. Сè уште не сме достигнале ни половина од максималните дневни бројки, а 2.000 нови случаи дневно се на дофат на раката, под услов да се држи чекор со тестирањата. При ваква висока преносливост веројатно пикот ќе го видиме со поголеми бројки уште порано, можеби околу 1 септември. Фрапантна е незаинтересираноста на властите да го обуздат растот, се чини како да посакуваат врвот што побргу да настапи, без разлика на дневните броеви, а тие ќе бидат досега невидени кај нас – напиша професор Трајковски.
Тој прашува со која памет ќе ги тераат наставниците да одат на работа (колку да не седат дома и „да си ја оправдале платата“), кога таму освен размена на вируси немаат никаква друга работа пред 1 септември, а веројатно и потоа. Барем тие можат да седат дома и колку-толку да ја намалат преносливоста, но изгледа дека од тоа нема ништо да биде. Луѓето ќе се заразуваат, ќе го носат вирусот дома, ќе создаваат нови страдања, а сето тоа без никаква потреба и се разбира никој нема да одговара за тоа.
– Јас лично веќе со денови избегнувам продавници со многу луѓе, а наскоро ќе започнам со телефонски порачки и преземање на производите на улица, целосно избегнувајќи вдишување контаминиран воздух. Подобро и така, отколку да се заразиме па да бараме помош од комшии и пријатели за домашна достава, сме го поминале тоа. Ова нема вечно да трае, за 2-3 месеци би требало да излеземе од овој, но и есенскиот бран. За толку ќе издржиме – пишува проф. Трајковски.