Доколку услов за одење на свадба во затворен простор беше вакцинираноста со две дози и изминати две недели по втората доза, тоа би имало логика и некаков ефект врз намалувањето на преносливоста на вирусот и зауздувањето на епидемијата, пишува професорот на Технички факултет во Битола, Дејан Трајковски на неговиот Фејсбук-профил.
-Вака, одењето на свадба по само една примена доза, без ден чекање, нема апсолутно никаква епидемиолошка ни здраворазумска логика, освен да се сфати како начин луѓето да се мотивираат или наградат за вакцинацијата. За ограничување на растот на бројките не станува ни збор. Напротив, луѓето дополнително ќе се охрабрат за разуздано однесување и ќе ја разгорат епидемијата. Од каде им текнуваат само вакви работи…
Денешните гужви на вакциналните пунктови, еден ден по донесувањето на одлуката, покажуваат дека на луѓето им е поважно одењето во кафеани од сопственото здравје (или пак досега не верувале во корона вирус, па вакцината ја доживуваат како обична формалност за одење на свадба).
Во меѓувреме, здравствените власти повторуваат како расипана грамофонска плоча: „Граѓаните се виновни поради непочитување на превентивните мерки“. Всушност власта е таа што е виновна, затоа што дозволува собирање во затворени простории и тоа без маски и одржување минимално растојание, пишува Трајковски.
Comments are closed.