Две различни полувремиња одигра македонската репрезентација во четвртото коло против Шпанија, со тоа што во второто бевме целосно инфериорни и поразот (32:21) беше неминовен.
Во првото полувреме Македонија беше целосно рамноправна со европскиот првак Шпанија и на одмор замина со само еден гол негатива (12-13). Наш најдобар поединец во првиот дел беше голманот Митревски со 11 интервенции. Кирил Лазаров со пет гола кај Македонија и Раул Ентрериос со три кај Шпанија беа најефикасни во двата табора по првиот дел.
Но она што го гледавме во првиот дел, исчезна како избришано со гумичка, бидејќи во првите 90 секунди примивме три гола, топката ни паѓаше од раце, не можевме да се составиме, па Раул побара тајм-аут во кој ја смени поставата и ги венесе во игра нашите млади играчи кои добија убава шанса да се надигруваат со врвните шпански ѕвезди. Се разбира резултат на тоа беше уште повисока разлика за нашиот противник и на крајот семафорот покажуваше 32:21.
Најефикасен во нашите редови беше Пешевски со шест гола од осум обиди, а одличниот Митревски од првиот дел во вториот беше речиси непрепознатлив, но сепак остана наш најдобар играч на натпреварот.
Сепак, овој пораз не менува ништо суштински, бидејќи клучниот натпревар за минување во следната фаза го играме утре против директниот конкурент Исланд.