Независната угостителска комора (НУК) најави дека доброволно ќе ги затвори сите објекти на две недели во знак на незадоволство од најновите протоколи предложени од Комисијата за заразни болести, а донесени од Владата.
– Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели. Но што ако ковид-бројките и натаму растат? Дали Филипче и Караџовски ќе имаат доблест и смелост да им се извинат на угостителите, да ја надоместат штетата и јавно да признаат дека угостителските објекти не се причина за зараза туку оправдание за избегнување на одговорноста на погрешните мерки и генерални препораки за спречување на ширењето на коронавирусот – наведува претседателот на комората Здравко Јосифовски.
Според НУК, новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на зaбoлени, туку ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава. Како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила, без никаква контрола и никакви механизми за заштита од кopoнавиpycот.
Музичарите, пак, повикувајќи ги сите засегнати од оваа индустрија, за утре најавија протест пред Влада. Протестот е закажан од 14 до 17 часот, под мотото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“. Истиот е замислен како музички хепенинг, а иницијативата за него почна вчераутро на социјалните мрежи, каде бројни угостители и музичари го искажуваа револтот од најновите, поригорозни мерки на Владата за работа на угостителските објекти и локали и забраната за настапи.
„Македонската естрада со голем музички хепенинг, без скандали или сензации, ќе оддржи за првпат голем протест пред Владата. Целта ни е да докажеме дека сепак постоиме, дека има огромна слога меѓу нас, дека ќе се бориме од денес па натаму многу посериозно за нашите права, а со тоа сакаме да ги претставиме нашите строги барања и протоколи пред државните органи“, изјавија од НУК, Независната угостителска комора.