Татијана Перебинис и нејзините деца Алиса и Никита биле убиени додека се обидувале да побегнат од Ирпин, град на околу 20 километри од Киев.
Сопругот и таткото Серхиј Перебинис е скршен од загубата. Тој дознал дека неговото семејство загинало – преку Твитер.
Серхиј на Фејсбук објави фотографии од сопругата и децата.
“Сите ги зеде. Тања не успеа. Морав да ве видам за последен пат. Простете ми, не ве заштитив”, напишал тој.
Синот бил во тинејџерски години, а ќерката е на околу осум години, објави Њујорк Тајмс. Семејството се обидувало да побегне од Ирпин и носеле куфер и неколку ранци.
Во неделата наутро тие се одвезле колку што можеле подалеку, но биле принудени да излезат од комбето и да се обидат пешки да го поминат уништениот мост, рекол тој, објаснувајќи дека цело време се обидувал да ги следи нивните движења преку мобилен телефон. Знаел дека нешто тргнало наопаку откако локацијата на неговиот мобилен телефон покажувала на болница во Киев, а никој не одговарал на неговите повици.
Потоа ја здогледал сцената на Твитер откако слушнал дека неговото семејство загинало на рутата за евакуација.
„Го препознав багажот и знаев дека се тие“, рекол тој. Нивните работи биле расфрлани покрај безживотните тела.
Серхиј споделил и фотографии од нивните кучиња, од кои едното починало на лице место. Уште едно било пронајдено во амбулантното возило откако било спасено од новинар, но Серхиј објавил дека и тоа починало.