При дополнителен увид што денеска го извршија истражители од бугарската Национална истражна служба во опожарениот автобус на „Беса транс” на автопатот „Струма” е пронајдено уште едно тело, потврди за дописникот на МИА од Софија портпаролот на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева.
Бугарската национална телевизија пренесе дека станува збор за дете, потврдил заменик главниот обвинител и шеф на Националната истражна служба Борислав Сарафов.
Со ова, бројката на пронајдени тела во автобусот се искачи на 45.
Милева вчера на прес-конференција изјави дека на местото на несреќата се пронајдени 44 тела, додавајќи дека еден од преживеаните патници и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум, а не седум лица.
-Ние пронајдовме 44 тела, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 тела. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна вчера Милева.
Од софиската Брза помош се децидни дека од местото на несреќата во софиската болница „Пирогов” биле пренесени седуммина повредени патници.
Инаку, во Скопје денеска пристигна тим од обвинители и истражители од бугарската Национална истражна служба, кои до властите на земјава официјално ќе достават барање за правна помош. Според најавите од Софија, нивни домаќин ќе биде државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Се очекува на бугарските истражители да им бидат предадени собраните ДНК материјали од роднини на жртвите во автобуската несреќа и тие утре да се вратат во Бугарија, по што ќе започне споредувањето и идентификацијата со пронајдените 44 тела на загинатите македонски државјани во автобусот. По завршувањето на оваа постапка ќе следува пренесување на телата во земјава и предавање на нивните роднини.