Денеска во Стопанската комора на Македонија промовирана е монографијата „60 години Витаминка“, чиј автор е Тачко Локвенец. Монографијата е посветена на успешната приказна за шестдецениското постоење на овој национален бренд, како и личниот придонес на Претседателот на Одборот на директори на „Витаминка“ АД – Прилеп, Симон Наумоски и неговиот ангажман за растот и развојот на компанијата.
Наумоски раскажувајќи за тешкотиите и предизвиците низ кои минал додека стигнал до овие успеси и достигувања им се заблагодари на својот тим и својата сопруга и додаде дека навистина „зад секој успешен маж стои успешна жена”.
Наумоски им порача на младите стопанственици да не влегуваат во подрачје кое не им е познато додека не го проучат и научат добро пазарот за да не се „изгорат”.
Инаку, успешната приказна на Витаминка започна во 1956 година како компанија за црвен мелен пипер. Производството на само еден производен асортиман беше доволно за цели 18 години успешно работење, се до 1974 година. Со новопоставена бизнис стратегија, развивање на нови производи, отворање нови пазари и континуирани инвестиции во производството, компанијата започна да го гради својот пат кон успехот, прераснувајќи во лидер во прехранбената индустрија на македонскиот пазар.
Покрај зацврстувањето на позицијата на домашниот пазар, паралелно и интензивно растеше и присуството на странските пазари каде што во повеќе од 30 земји во светот, пласира околу 45% од своето годишно производство.
Витаминка стана една од најсилните македонски компании и претставува вистински репрезент на квалитетни прехранбени производи. Покрај позитивниот импакт во националната економија, не помалку важно е значењето на Витаминка во унапредувањето на локалната економија преку големиот број вработени и дополнителниот синџир на соработници.