Ешли Ревел во 2004 година отпатувал во Лас Вегас со 136.000 долари, односно со сите пари кои ги поседувал, за да се коцка во познатите обложувалници. Но, тој решил целиот износ да го искористи на едно вртење на рулет – ја ставил својата животна заштеда на црвено и … добил!
Тој се впуштил во огромен ризик, но му се исплатело – неговото богатство се дуплирало, па од обложувалницата излегол како човек со 272.000 долари во џебот. Ешли во овој луд потфат го следела екипа на програмата „Sky Documentary“ која го снимала документарецот „Double or Nothing“.
„Пред всушност да пријдам до масата, размислував сè да ставам на црно, но потоа момчето ненадејно почна да го врти топчето и гледачите рекоа дека треба да се обложам на црвено, па така и направив. Она што најмногу ме загрижуваше е дека, доколку ги изгубам сите пари, моите родители ќе бидат вознемирени, како и семејството и пријателите. Така што, секако дека бев среќен кога победив“, изјавил Ревел по големата победа.
Тој објаснил дека во случај да загуби, ќе бил присилен да се врати во Лондон без ништо, само со изнајмениот смокинг кој го носел. По триумфот, овој Британец основал сопствен покер бизнис, но компанијата пропаднала во 2012 година. И покрај пропастот на неговото претпријатие, тој и понатаму ги поседувал парите освоени во Лас Вегас и ги искористил да пропатува низ Европа со мотоцикл. Во текот на таа авантура запознал жена која подоцна му станала и сопруга.
Роден под среќна ѕвезда – во 2018 година добил уште еден подарок од судбината
Ешли од 2014 до 2022 година работел како менаџер во една IT компанија, а дека е роден под среќна ѕвезда докажал и во 2018 година кога во близина на својот дом во Кент пронашол колекција артефакти од бронзено доба.
Тој бил член на групата „Medway History Finders“ која ја пребарувала земјата со помош на детектори за метал, кога наишол на богатство старо околу 2800 години.
„Не наидов на ништо цел ден, само на вообичаените парчиња фолија, а потоа добив интересен сигнал и ископав парче зелен метал. Ми здодеа ископувањето на тој отпад, па тргнав да се враќам до нашата база каде што членовите седеа и правеа пауза“, ја започнал приказната Ешли.
Тоа што го пронашол го фрлил во канта за ѓубре, но претседателот на клубот ги видел предметите и веднаш го препознал нивното историско значење. Ешли потоа ја одвел групата до местото каде што ги нашол, а тимот пронашол уште предмети кои датираат од околу 900-та година п.н.е.