Лекарка од Калифорнија е обвинета за продажба на лажни сертификати за вакцинација и неефикасни апчиња за имунизација против Ковид-19. Таа била уапсена и била обвинета за две дела за медицинска измама.
Лекарката Џули А. Мази се соочува со 20 години затвор и стотици илјади долари глоба за делото, пренесуваат регионалните медиуми.
Мази продавала апчиња за имунизација за цена од 243 долари. Таа тврдела дека содржат многу мала количина коронавирус, што предизвикува имунолошки одговор и обезбедува доживотен имунитет на Ковид-19.
За да ги убеди клиентите да ги купат апчињата, таа им кажувала дека вакцините одобрени во САД содржат отровни состојки. Таа исто така им нудела хомеопатски лекови за детски болести и лажно тврдела дека тие ќе придонесат за имунизација, пишуваат американските гласила.
Хомеопатката на својата веб-страница вели дека има докторат на Националниот универзитет за природна медицина во Портланд и е образована за „традиционални медицински науки“ и „антички и модерни модалитети“, кои користат природни лекови. Таа наведува дека нуди и услуги на класична хомеопатија, создадена во Германија пред повеќе од 200 години.
Австралискиот национален совет за здравствени и медицински истражувања во 2015 година изјави дека нема многу докази дека хомеопатијата е ефикасна во лекувањето болести и дека многу концепти во хомеопатијата не се во согласност со основните научни концепти.
Властите почнаа истрага против Мази откога некои од оштетените лица поднеле жалба во април велејќи дека роднините од неа купиле апчиња за имунизација против Ковид-19 и дека поради тоа не отишле да се вакцинираат против коронавирусот. Покрај таблетите, Мази им давала и картички за вакцинација против Ковид-19, на кои пишувало дека ја примиле вакцината на „Модерна“.
Сè уште не е познато точно колку луѓе ги купиле таблетите за имунизација, но властите дознале дека Мази преку компанија за дигитално плаќање од јануари 2020 година до мај 2021 година добила повеќе од 200.000 американски долари, пренесуваат агенциите.