Според оценките на корисниците на платформата „Трипадвајзор“, хотелот „Џи-ејч Јуниверзал“ (G.H. Universal Hotel) во Бандунг, Индонезија, е прогласен за најдобар хотел во светот за 2026 година, пренесува „Дејли мејл“.
„Годинашните победници ги претставуваат најдобрите избори на милиони патници кои престојувале во овие објекти, ги доживеале нивните услуги и одвоиле време да остават свои оценки и мислења“, изјави Лорел Грејтрикс, директорка за комуникации во групацијата „Трипадвајзор“.
„Без разлика дали станува збор за луксузно одморалиште во Индонезија или за бутик-хотел сместен на брод, овие победници создаваат основа за навистина незаборавни патувања“, истакна таа.
На првото место се најде хотелот „Џи-ејч Јуниверзал“ во Бандунг, Индонезија. Станува збор за импресивна градба во ренесансен стил, која претставува идеална пчетна точка за истражување на западниот дел од островот Јава. Дополнително, цените на собите започнуваат од околу 40 евра за едно ноќевање.
Гостите го опишуваат како „луксузен, пријатен и прекрасен хотел“, а многумина особено ги издвојуваат содржините наменети за деца, меѓу кои се трамболини и боење на лицето.
Второто место му припадна на хотелот „Колин де Франс“ во Бразил. Овој хотел внесува дел од европската елеганција во планинското гратче Грамадо. Располага со 34 луксузни апартмани, а секој од нив има свој препознатлив мирис. Во понудата се вклучени и велнес-центар, масажи, како и третмани за лице и тело.
„Овој хотел е навистина посебен. На внимание се посветува секој детаљ, а услугата е беспрекорна“, наведуваат гостите во своите оценки.
Третото место го освои хотелот „Спортинг Фемили Хоспиталити“ во италијанскиот град Ливињо. Овој семеен хотел нуди велнес-содржини, базени и бројни активности за деца. Топлата атмосфера и близината на скијачките патеки го прават одличен избор за зимски одмор.
Еден редовен гостин истакнува дека љубезноста на персоналот, беспрекорната чистота, современата инфраструктура и квалитетот на храната се „едноставно надвор од овој свет“.
Листа на десетте најдобри хотели во светот:
1. „Џи-ејч Јуниверзал“, Бандунг, Индонезија
2. „Колин де Франс“, Грамадо, Бразил
3. „Спортинг Фемили Хоспиталити“, Ливињо, Италија
4. „Ројал Ланкастер“, Лондон, Обединето Кралство
5. „Фајв Пајн Лоџ енд Спа“, Орегон, Соединети Американски Држави
6. „Ла Сиеста Хој Ан Ресорт енд Спа“, Хој Ан, Виетнам
7. „Абигејлс Хотел“, Викторија, Канада
8. „Букути енд Тара Бич Ресорт“, Аруба
9. „Хотел Моментс Будимпешта“, Будимпешта, Унгарија
10. „Ла Синфонија дел Реј Хотел енд Спа“, Ханој, Виетнам
