Полициско-обвинителската истрага откри дека двајца вработени во обезбедувањето на „Сити Мол“ стојат зад лажната пријава за поставена бомба во трговскиот центар.
Двајцата вработени во обезбедувањето сакале да го зафркаваат шефот, па пријавиле дека во најголемиот шопинг центар во државата има поставено бомба. Уште поневеројатно звучи тоа што лажниот пријавувач учествувал во евакуацијата на стотиците посетители и вработени во трговскиот центар, без да каже дека дојавата е лажна – објави СДК.
Лажниот пријавувач бил откриен по мобилната апликација од која му ја испратил пораката на шефот на обезбедувањето. Само еден ден претходно, вториот осомничен го зафркавал својот шеф дека има бомба поставено под неговиот автомобил.
Против двајцата вработени во обезбедувањето на „Сити Мол“ се поднесени кривични пријави.