Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Секој од време на време чувствува замор. Но тоа е различно од постојана или повторувачка, немилосрдна исцрпеност која не поминува со одмор. Со тек на време се развива постојана состојба на замор, се намалува енергијата, мотивацијата и концентрацијата. Продуктивноста и на работа и дома е намалена, едноставно не функционирате. Заморот влијае и на емоционалната и психолошката состојба. Заморот не е исто што и поспаност, но поспаноста може да е симптом на заморот.
Заморот е чест симптом на многу медицински состојби, физички проблеми и ментални здравствени состојби.
Може да е резултат на животниот стил, недостаток на физичка активност, нездрави навики во исхраната, голема консумација на кафе и пијалоци кои содржжат кофеин, недоволно сон, лекови (антихистаминици, антидепресиви), употреба на алкохол и дроги.
Недоволен внес на здрава нутритивна храна или пак рестриктивни диети (многу мал внес на храна) или внес на високо преработена храна (брза храна) може да е проблем. Балансираната исхрана помага во одржување на нивото на глукозата во крвта, спречува нагол пораст или пад, а со тоа се избегнува чувтсвото на умор, тромавост.
Во умерена доза кофеинот помага за концентрација и сила. Но во поголеми количини предизвикува срцебиење, вознемиреност, пораст на крвниот притисок, а кај некои лица и умор.
Ментални здравствени состојби (анксиозност, депресија, сезонски пореметувања на расположението) може да одат со физички симптоми како умор, главоболка, губиток на апетит или прејадување, тага, безнадежност, беспомошност, мал интерес за секојднневните нормални активности, премногу или премалку спиење.
Работата во смени влијае на внатрешниот часовник на човекот и води до умор преку ден или умор навечер кога е потребно да се остане буден. Сонот не носи одмор, мозокот е во магла, има тешкотии со концентрацијата, променливо расположение.
Кај жените анемијата (најчесто железо дефицитна), слабокрвноста е една од водечките причини за умор, вртоглавица, чуство на студ, иритабилност. Црвените крвни зрнца и железото се важни за пренос на кислородот до ткивата и органите.
Намалена работа на тироидната жлезда, хипотироидизам – тироидните хормони го регулираат метаболизмот. Кога постои пад на хормоните се успоруваат метаболните функции, се јавува хроничен умор и тромавост, пораст на тежината, интолеранција на ладно, пад на расположение, депресија. Најчеста причина е Хашимото тироидитис.
Кога повеќе месеци трае постојана необјаснива истоштеност, умор, длабока мускулноскелетна болка, болни точки на тетивите, анксиозност/депресија, проблеми со спиењето треба да се мисли на фибромијалгија.
Кај лица во понапредата возраст скриена уринарна инфекција може да е причина за необјаснива слабост, истоштеност.
Алергии, алергиски ринитис, интолеранција на некоја храна може да водат до постојана исцрпеност, поспаност 10-30 мин. по внес на одредена храна.