Топлото време веќе одамна мами велосипедот да се изнесе на улица и да се ужива во возењето на две тркала. За тие што уште се двоумат околу најдобриот превоз во град, ова се десетте главни причини, зошто е подобро автомобилот да се замени со велосипед.
1. Велосипедот е побрз
Во градски услови не постои побрзо превозно средство од велосипедот. За автомобилите да се остават зад себе, не мора да се биде врвен велосипедист во форма за Тур д‘Франс или Џиро ди Италиа. За велосипедот не постои сообраќаен застој и со него најлегално може да се извози до челото на колоната што чека на семафор. Тоа што заштедува најмногу време е немањето потреба од паркирање. Велосипедот се остава директно пред врата, нема потреба од мачно и долготрајно барање слободен простор за паркирање.
2. Се заштедуваат многу пари
Солиден модел на велосипед од добра марка чини околу 500 евра или приближно 30.000 денари. Тој не обезбедува победа на триатлон, но со сигурност ќе послужи за превоз од точка А до точка Б. Годишен билет за превоз со сите линии на ЈСП чини 15.400 денари. Возењето со автомобил, кога во трошоците освен горивото ќе се вклучат и регистрацијата, осигурувањето, редовното сервисирање, одржување на возилото и замена на потрошните делови, паркирањето, со модел од градската класа чини најмалку 75 евра или 4.500 денари месечно, односно 900 евра или близу 55.000 денари годишно. Велосипедот со сигурност ќе извози пет години, што значи дека тој чини 100 евра на годишно ниво или помалку од осум евра месечно. Постои нешто поевтино за превоз од 500-те денари месечно за велосипедот?
3. Велосипедот нé одржува во форма
Главната причина за прекумерната тежина е недостигот од движење. Едно од решенијата за тоа е велосипедот. Но, зошто толку се става нагласок на позитивниот ефект од возењето велосипед врз здравјето, кога постојат вежби и тренинзи што се далеку понапорни? Тајната е во редовното користење. Доколку секојдневно се патува до работа со велосипед, тоа е покорисно за здравјето отколку еднаш во седмицата да се истрчаат неколку километри. Најдоброто е во тоа што нема потреба да се издвојува посебно време, туку велосипедот едноставно се користи во времето во коешто инаку би седеле зад воланот или во јавен превоз.
4. Привлекување внимание
Искрено, сите сакаме во помала или поголема мера да привлечеме внимание на улица, да се „покажеме“. Автомобилот честопати се користи за таа цел, што стана најочигледно со масовното довлечкување стари луксузни автомобили од премиум марки во последниве десетина години. Но, кога народот ќе ги види прочурени и раскрцкани, овие автомобили веројатно и не делуваат толку репрезентативно наспроти првичната замисла. Место лажно прикажување статус, многу поефектно (и поевтино) е кога ќе се инвестира во скап и вреден велосипед, што со сигурност ќе го привлече посакуваното внимание. Толку за „покажувањето“.
5. Се учи да се сака градот
Автомобилот ги штити и засолнува своите патници. Но, во автомобил, од градот се доживуваат само најнепријатните страни. Градежни зафати, застои, чекање на семафори. Најголемото уживање следи кога ќе се најде слободно место за паркирање. Наспроти тоа, при користење велосипед отсуствува притисокот од сообраќајот и се избираат само најубавите делници за возење. Место да се пробива низ сообраќајниот шпиц, велосипедистите си возат по тивки споредни улички, низ паркови, по кеј, за на крајот расположени и релаксирани да пристигнат до одредиштето.
6. Добро е за животната средина
За оваа точка нема што да се дискутира. Возењето велосипед не испушта штетни материи и не прави врева, животната средина се радува на тоа. Толку.
7. Велосипедот е добар за возачите на автомобили
Никогаш не сме помислиле на тоа, зар не? Возачите на автомобили постојано негодуваат за однесувањето на велосипедистите. Некои од нив им се движат пребавно, други им пролетуваат со велосипедот, како и да е, автомобилистите секогаш ќе најдат причина да промрчат. Уште покритично е гледиштето за велосипедските патеки, кои автомобилистите повеќе би сакале и тие да бидат искористени како лента за возење автомобил. Но, дали навистина велосипедистите толку пречат? Што би се случило доколку сите велосипедисти решат да возат автомобил. Во тој случај, улиците уште толку би станале понепроодни, целиот сообраќај би останал заглавен. Значи, автомобилистите треба да се радуваат кога низ градот има повеќе велосипедисти и едноставно да ги толерираат максимално.
8. Електричниот погон ги освојува и велосипедите
Многумина би користеле велосипед поради предностите во сообраќајното секојдневие, но вртењето педали едноставно им е премногу мачно. Постои решение и за тоа. Електромотор го олеснува вртењето на педалите и со негова помош може да се вози и подолго и побрзо – и натаму без да се загадува животната средина. Повеќето велосипеди со електричен погон постигнуваат 25 километри на час, што е солидна брзина низ град, но уште е поважно тоа што електромоторот (и батеријата) помага да се совладаат и поголеми релации без посебен напор. Кај некои понови модели речиси не се забележува електричниот погон. Напорот за вртење на педалите во секој случај е поголем отколку при седење зад автомобилскиот волан.
9. Повторно препуштање на уживањето во природата
Излет или патување со велосипед е вистинска авантура. Пристигањето на целта е неважно, уживањето е во самото патување. Секој дел од патувањето е авантура за себе. За разлика од патувањето со автомобил, почесто се запира, од едноставна причина да се ужива во природата.
10. Тоа едноставно прави задоволство
Одвојте малку време да изберете добра рута и не вознемирувајте се кога ќе наидете на автомобил што е паркиран на велосипедската патека. Во тој случај брзо ќе забележите дека возењето велосипед го подобрува расположението. На одредиштето најчесто се пристига со подобро расположение отколку на поаѓање. Единствено дождот може да го расипе расположението. Но, не мора.