Короната ќе се однесува „чудно“ во иднина и може да се појават „супермутирани вируси“, предупреди професорот по микробиологија на универзитетот Кембриџ, Рави Гупта.
Посочувајќи дека тоа не е нужно лошо, Гупта рече дека вирусот ќе се обиде да стане поефикасен во неговото пренесување бидејќи се повеќе луѓе се имунизираат и со тоа се штитат од него, објави „Индипендент“.
Гупта истакна дека коронавирусот е непредвидлив и дека луѓето не треба да се релаксираат премногу во која било фаза од пандемијата. Сегашната генерација на вакцини е ефикасна до одреден степен против најзагрижувачките варијанти на коронавирусот, укажува „Сан“, додавајќи дека на луѓето најверојатно ќе им треба „дополнително засилување“ во форма на вакцина, евентуално секоја година.
– Мислам дека имаме добри вакцини, сега треба да продолжиме со притисокот врз дизајнерите и производителите на вакцини да ги прилагодат вакцините. Второ, вирусот ќе прави некои чудни работи. Мислам, ова е само почеток – рече тој.
– Мислам дека (вирусот) ќе се комбинира, ќе добиеме супермутирани вируси, верувам во тоа – додаде Гупта.
Рекомбинацијата, кога две варијанти се мешаат заедно за да создадат хибрид, е важна за да се развие вирусот, потсетува „Сан“. Кога се комбинираат две варијанти, тоа се нарекува „рекомбинант“, а некои веќе постојат (на пример, индиски двоен мутант и хибрид создаден од мешавина на калифорнискиот и британскиот вид, познати и како Кент).
– Не мора да биде страшна работа, но вирусот ќе направи многу неочекувани работи затоа што притисокот врз него ќе стане голем и ќе се прилагоди. Знаеме дека луѓето сè уште добиваат хронични инфекции и така се случува сето ова – истакнува Гупта.
– Тешко е да се каже што ќе се случи, но вирусот ќе најде начини да стане позаразен – веќе може да се види дека, кога е под притисок, ќе се обиде да стане поефикасен во пренесувањето, со цел да ја заврши работата со помалку честички на вирусот.
Осврнувајќи се на некои мутации видени во варијантата која првпат е откриена во Индија, експертот истакна дека тие се „само почеток“ и дека ќе има понатамошни промени во вирусот, не само за да го избегне имунолошкиот одговор, туку и за да ја зголеми сопствената преносливост.
„Индипендент“ посочува дека индискиот вид е многу заразен и станал еден од доминантните во некои делови на Велика Британија.
Гупта посочи дека, како што се зголемува бројот на вакцинирани, ковидот ќе стане лесна болест за повеќето заразени лица, дури и со „супер варијанти“, но дека секогаш ќе има луѓе во ризик.