Принцот Чарлс (71), кога ќе стане крал, планира да ги сведе членовите на кралското семејство на синовите Вилијам и Хари, нивните сопруги и децата, а се верува дека неговите планови ги забрза неодамнешниот скандал со принцот Ендрју, пишуваат британските медиуми.
Принцот од Велс наводно минатата недела за тоа го известил својот татко, принцот Филип (98) во Сандригхам, каде што расправале за заминувањето на кралицата Елизабета Втора (93) во пензија во следните 18 месеци.
Чарлс треба да ги преземе сите семејни работи и дневните обврски на неговата мајка.
Веста се појави откако предводникот на британските лабуристи, Џереми Корбин, во интервјуто за Скај њуз рекол дека и тој смета дека кралското семејство е преголемо.
„Мислам дека јавноста би сакала такви промени, а во прв план се расправаше за однесувањето на принцот Ендрју“, рекол Корбин.
И Бретани Баргер, заменик главен уредник на „Ројал Централ“, верува дека неодамнешната криза дефинитивно ја засили желбата на принцот Чарлс да го намали кралското семејство.
“Принцот Ендрју испадна од целата приказна. Мислам дека тој веќе нема да има никакви кралски должности. Сега е сосема сигурно дека ова важи и за неговите ќерки“, рече уредникот на кралскиот портал.
Инаку, Ендрју се повлече од јавниот живот заради неговата поврзаност со скандалот со педофилот, милијардерот Џефри Епштајн, кој откако заврши во затвор , на мистериозен начин го загуби животот.