Поранешната принцеза Мако, која се откажа од титулата и повластиците на царското семејство поради љубовта кон својот сопруг, обичниот граѓанин Кеи Комуро, стана мајка.
Веста за новороденчето ја потврдија од палатата во Токио. Иако не го открија полот на детето, ниту датумот на раѓање, службениците истакнаа дека и мајката и бебето се чувствуваат добро и дека сè поминало во најдобар ред, пренесува „Супержена“.
Ова е прво дете на поранешната принцеза и нејзиниот сопруг.
Принцезата која ја шокираше јавноста
Да потсетиме, во 2017 година, принцезата Мако ја шокираше јавноста со желбата да се омажи за партнер по свој избор, да ја прекрши јапонската традиција и да се откаже од титулата што ѝ овозможувала привилегиран статус.
Бидејќи нејзиниот партнер Кеи Комуро не потекнува од одбрано семејство, Мако мораше да се откаже од кралската титула. Со свадбата во октомври 2022 година, таа официјално го изгуби кралскиот статус и стана обична граѓанка.
По склучувањето на бракот, принцезата Мако дополнително изненади со тоа што ја одби традиционалната исплата од околу 1,3 милиони долари, што според јапонската традиција ѝ следува на женски член што ја напушта царската куќа.
Тогаш изјави:
„Започнуваме нов живот. Сигурна сум дека ќе се соочиме со тешкотии на тој пат. Но, исто како и досега, сакам да продолжам да ги здружувам силите со Кеи и да одам рамо до рамо со него. Многумина разбираат колку е тешко да се живее следејќи ги желбите на своето срце, но се надевам дека можеме да создадеме општество во кое сите ќе можеме да живееме и да ги поддржуваме чувствата едни на други.“
По напуштањето на царското семејство, Мако се пресели со сопругот во Њујорк и најде волонтерска работа во њујоршкиот Метрополитен музеј. Таму работи како асистентка кустос на уметнички колекции поврзани со Азија.
