Властите во Рио де Жанеиро во моментот истражуваат како еден жител на градот успеал да прими најмалку пет дози од три различни вакцини против коронавирусот.
Според официјалните податоци, неименуваниот човек почнал да прима вакцини против ковид-19 во мај, потоа продолжил и во јуни и во јули, сѐ додека персоналот на вакциналниот пункт, при обидот на Бразилецот да ја добие и шестата доза од вакцината, не открил за што станува збор, пренесува „Одити сентрал“.
Извештаите до кои дошле бразилските медиуми покажуваат дека човекот прво примил „Фајзер“ на 12 мај, потоа „Астра-Зенека“ на 5 јуни. Следна на ред била дозата од вакцината „Синовак“ на 17 јуни, после што упорниот Бразилец отишол по уште една доза „Фајзер“ на 9 јули и својот „маратон“ го завршил на 21 јули, исто така, со доза „Синовак“.
Властите првично верувале дека се работи за пропуст, за недостатоци во електронската евиденција, меѓутоа, истрагата на Општинското здравствено одделение во Рио покажала дека не дошло до грешка.
– Случајот се истражува за да се утврди дали дошло до грешка при регистрацијата во системот или некоја друга неправилност – се наведува во извештајот на Општинското здравствено одделение.
Според извештаите, човекот добро се чувствува по петте примени вакцини, а бил фатен во обидот да ја добие и шестата доза.