Сара Анчиќ од Калифорнија се шокирала кога во реклама на Фејсбук видела фотографија од своето семејство покрај која пишувало дека сите починале од коронавирус. За рекламата Сара ја информирал нејзин роднина.
Како што пренесува Си-Ен -Ен, нивната семејна фотографија е употребена во реклама за продажба на заштитни маски, без нивно знаење и дозвола.
– Ова е болно и ги крши нашите права. Кој може да пишува за семејство кое не го познава дека е починато? – прашува Сара.
Во спорната пропагандна порака пишувало дека семејството било на некој настан со 176 луѓе и покрај предупредувањата на владата, и дека само најмладиот син Џастин успеал да преживее бидејќи само тој носел маска.
Најмладиот син на Сара се вика Рајан, а личноста во рекламата која ја покажале како единствениот преживеан таа не ја познава.
– За момчето кое е претставено дека е наш син, ние не знаеме ништо, не знаеме кој е тој, изјави таа.
Од Фејсбук рекламата веднаш била отстранета.