Непалски планински водич Шерпа Хилари Дава е спасен од Еверест откако преживеал околу една недела на падините на највисоката планина во светот без храна и дополнителен кислород. Станува збор за редок случај на преживување во екстремни услови, соопшти претставник на планинарскиот сојуз.
Дава Шерпа, кој има 52 години, се враќал со полски планинар откако не успеале да стигнат до врвот висок 8.849 метри. Тој исчезнал меѓу кампот III и кампот IV, а последен пат бил виден на 29 мај.
Неговиот клиент успеал да се врати во базниот камп, но засега не е јасно како двајцата се разделиле. Тие биле меѓу последните алпинисти на Еверест оваа сезона, која заврши минатиот месец.

Лама Кази Шерпа од Одборот за контрола на загадувањето на Сагарматха изјави дека неговиот тим го пронашол Дава над базниот камп, во близина на ледениот пад Кумбу, и го однел на безбедно. Тимот во тој период ја чистел планината по завршувањето на сезоната.
Дава, сè уште облечен во планинарска јакна, бил итно пренесен од хелиодром во болница. Неговото семејство соопшти дека е свесен, зборува и се лекува од смрзнатини и други компликации.
„Ме препозна… добро е и зборува“, изјави неговата ќерка Мендо Ламо Шерпа. „Среќни сме.“
Непалска планинарска компанија објави дека Дава преживеал речиси една недела сам, без храна, вода и дополнителен кислород, движејќи се низ опасниот леден пад Кумбу, и тоа откако фиксните скали за сезоната веќе биле отстранети.
„Ова е вистинско чудо“, објави компанијата.
Оваа сезона на Еверест се искачиле рекорден број од повеќе од илјада планинари и нивни водичи, а непалската влада издала 494 дозволи. Според официјални лица, загинале пет планинари и водичи.
Многу алпинисти претходно беа блокирани во базниот камп, откако големо парче мраз од глечер во април го одложи отворањето на рутата кон највисокиот врв во светот.
