Каинг Гуек Еав познат како Другарот Дач, висок функционер на Црвените кмери, кој беше осуден за злосторства против човештвото во Камбоџа, почина во затвор.
Тој служеше доживотна затворска казна откако беше осуден од трибунал поддржан од ОН, како човекот кој го водел тајниот затворски центар Туол Сленг за „најголемите непријатели на државата“, каде биле измачувани и убиени околу 15.000 мажи, жени и деца во 70-тите. Наводно, преживеале само 12 затвореници.
Се смета дека околу 2 милиони луѓе биле убиени за време на режимот на Црвените кмери кои ја контролираа Камбоџа од 1975 до 1979 година.
Другарот Дач беше првиот висок функционер на Црвените кмери осуден за злосторства против човештвото од трибуналот во 2010 година, а во 2012 му беше изречена казната.
Почина утрово на 77 години, соопшти портпаролот на трибуналот без да ја наведе причината за смртта. Каинг Гуек Еав беше болен со години.
„Дач почина утрово во 00:52 часот, на 2 септември, во болницата Khmer Soviet Friendship Hospital. Деталите околу причината за смртта не можам да ви ги кажам“, рече портпаролот на трибуналот за Црвените кмери, Нет Пеактра.
За време на неговото судење, Дач призна дека го водел злогласениот затвор и се извини за неговото учество во ужасите што се случувале таму. Подоцна тој тврдеше дека само следел наредби, но неговата жалба на таа основа беше одбиена од трибуналот.
Роднините на неговите жртви го исмеаја за неговите обиди да покаже каење за своите злодела.