Жената наречена „лице на храброста“, Стефани Бровит, единствената преживеана од ерупцијата на вулканот во која загинаа нејзиниот татко и сестра, ја симна маската 30 месеци откако претрпе страшни изгореници на 70 отсто од телото.
Две и пол години откако го загуби семејството кога еруптираше вулканот Бел остров во Нов Зеланд, Стефани (26) вели дека се чувствува „посилна и појака отколку што мислела“.
Нејзиниот татко Пол и 21-годишната сестра Кристал беа меѓу 22-те загинати лица, додека мајката на Стефани, Мари, останала на крстарењето и со ужас гледала како вулканот еруптира. Стефани поминала две недели во кома борејќи се за живот. Таа имала изгореници од трет степен по телото. Периодот на болното опоравување го документирала на социјалните мрежи.
– Поцврста сум отколку што некогаш мислев дека ќе бидам. Мислам дека научив дека борбата за опстанок е вистинската работа. Секој ден се борев да преживеам, само да се вратам на себе. Никогаш не знаев дека имам толку сила во себе, додава оваа храбра млада жена.
Стефани поминала шест месеци на разно-разни операции, вклучувајќи и ампутација на прстот. Фотографиите кои оваа храбра жена ги сподели од тој период ги покажуваат шокантните размери на нејзините изгореници, бидејќи и требала трансплантација на кожа на екстремитетите.
Најтешкото нешто што морала да го надмине била загубата на нејзиниот татко и сестра во трагедијата:
– Посакувам татко ми и сестра ми да беа живи и да бевме заедно. По нивната трагедија имав многу непроспиени ноќи.
Сеќавајќи се на ужасниот инцидент што се случи на нивниот семеен одмор, Стефани рече дека видела црн чад како извира од вулканот пред да им биде кажано да бегаат.
– Бучавата доаѓаше одзади и стануваше се посилна како што се приближуваа камењата. Се слушаше звукот на камењата кои удираа по земјата и луѓето врескаа… Не мислев дека ќе преживеам, се сеќава Стефани на страшните моменти.
Оваа храбра млада жена, која неодамна го прослави својот 26-ти роденден, вели дека сака „да се врати во понормален живот“ и да работи со полно работно време. И требало долго време да собере храброст да ја симне маската, но имала огромна поддршка од сите страни.
– Многу луѓе споделуваат приказни за нивните битки и лични проблеми. Ако можам да направам разлика и да помогнам само на една личност во мојот живот, тоа многу ми значи и ме прави среќна, вели Стефани.